Британскиот производител на автомобили, Астон Мартин е „нарушувачот“ во дебатата околу новите мотори во Формула 1 од сезоната 2021 година.
Од компанијата признаа дека се задоволни од насоката која ја одредија сопствениците на Формула 1 по објавувањето на плановите во октомври, на кои луто реагираа од Мерцедес и Ферари, а италијанскиот тим (повторно) се закани со заминување.
„Свесни сме дека сегашните производители вклучени во спортот ќе се обидат да ги ограничат промените, и можеби и јас би го правел истото на нивно место. Ние ги нарушуваме односите и тоа ми се допаѓа. Ако правиме мотор нема да го градиме сами и веднаш ќе бараме партнери“, вели претседателот и генерален директор на Астон Мартин, Енди Палмер за „Аутоспорт“.
Астон Мартин засега е само спонзор на тимот на Ред бул, но сè поголеми се шпекулациите дека тие веќе ангажираат луѓе кои би работеле на проектот од 2021 година.
„Ние ги кажавме нашите идеи и нашата проценка за влез во спортот. Главната позиција е да се стандардизира ‘долниот’ дел на моторот за да може да се купува од други луѓе. Нема конкуренција околу повратот на топлинската енергија и турбо-полначот, а на тоа работат стотина луѓе по компаниите. Ние сме заинтересирани, но не сме гигант. Мораме внимателно да работиме со нашите пари“, објасни Палмер.