Top Sport

Бергер: Само Сена имаше талент како Ферстапен

Поранешниот колега на Аиртон Сена, Герхард Бергер смета дека Макс Ферстапен е далеку поталентиран од Луис Хамилтон и Михаел Шумахер, двајцата најуспешни возачи во историјата со по седум светски титули и дека само Аиртон Сена е на нивото на неверојатниот Холанѓанец.

25-годишниот Ферстапен веќе има две титули зад себе, и со 12 победи оваа сезона е на чекор до трета титула, а бидејќи има уште пет години од неговиот договор со Ред бул, не е невозможно да стигне и до рекордот од седум титули или до рекордот од 103 победи на Хамилтон.

„Ферстапен и Сена се уникатни во овој спорт, тоа се двајцата најдобри возачи кои сум ги видел во последните 50 години. Шумахер и Хамилтон се исклучителни возачи, и секако статистиката го покажува тоа, но Сена почина рано, а Ферстапен е уште млад“, вели Бергер.

Сена во девет години во Ф1 оствари 41 победа, 80 подиуми, 65 пол-позиции и 19 најбрзи кругови пред да го загуби животот во трагична несреќа на Сан Марино ГП во 1994 година. Ферстапен ја вози својата деветта сезона во Ф1, и има 47 победи, 91 подиуми, 28 пол-позиции и 27 најбрзи кругови.

Хамилтон, кој сега е во Ф1 17 години ги поседува рекордите за најмногу победи (103), најмногу поиуми (195) и најмногу пол-позиции (104), додека Шумахер е рекордер по бројот на најбрзи кругови (77).

Scroll to Top