Мик Шумахер минатата сезона беше крунисан за Европски Ф3 шампион, а во 2019 ќе направи голем чекор напред во Ф2 шампионатот, последниот чекор пред Ф1, зголемувајќи ги шпекулациите дека еден ден ќе го повтори успехот на својот славен татко, седумкратниот шампион Михаел.
Поранешниот возач на Ферари и екссопственик на Ф1 тим, Австриецот Герхард Бергер вели дека шансата да се види уште еден Шумахер во Ферари е голема.
„Мик Шумахер ќе биде во Ферари за две години, но уште не знам дали ќе го вози камионот или Ф1. Но, сериозно, синот на Михаел ме импресионираше во вториот дел од сезоната. Велат дека било така бидејќи го имал најдобриот болид, но јас го гледав како победува и на дожд. Сега ќе го видиме во Ф2 и тоа ќе биде добар показател. Секако, сите ние сонуваме за неколку години да го видиме како го вози црвениот болид“, вели Бергер.