Валтери Ботас, пред комплетирањето на првата сезона со тимот на Мекларен, вели дека досега не сфаќал колку напорно работи четирикратниот светски шампион Луис Хамилтон.
Ботас дојде во „Сребрената стрела“ во јануари по шокантното заминување на минатогодишниот шампион Нико Розберг, и за разлика од Германецот имаше одлична работна соработка со Британецот. Коментирајќи за „Летечки круг“ програмата на Моторспорт.тв, Ботас призна дека бил изненаден.
„Отсекогаш сум знаел дека Луис беше добар возач, но никогаш не сфаќав колку напорно работи за да стигне до таа доминација. Постојано работи, поминува многу време со момците во тимот, ја посетува фабриката често. Не го познавав како личност досега, туку имав слика за тоа каков е однадвор. Оваа година научив дека е многу добар човек и нормална личност како сите нас. Многу е пристоен, покажува почит и не игра игри“, оценува Финецот, што е малку поинаква слика за Британецот од таа што ја кажуваа неговите претходни колеги како Џенсон Батон.
Ботас имаше солидна сезона во која победи на две трки и помогна Мерцедес да ја освои четвртата титула кај конструктори, но беше декласиран од Хамилтон, кој победи девет пати досега со две трки до крајот на сезоната.
„Лично, очекувам многу повеќе во 2018. Научив многу оваа сезона од целиот тим, од Луис и од моите проблеми. Ако работам напорно во текот на зимата ќе бидам многу подобар“, додаде Ботас.