Top Sport

Ботас со победа и огномет стави крај Ф1-шоуто за 2017 година

Валтери Ботас не ја испушти пол-позицијата на патеката вредна една милијарда долари „Јас Марина“ во Абу Даби, за да триумфира на последната трка од шампионатот пред својот клупски колега и четирикратен светски шампион, Луис Хамилтон.

Во трката од самрак до ноќ во богатите Обединети Арапски Емирати, Ботас под силните рефлектори го издржа нападот на Хамилтон во финишот на трката, и 28-годишниот Финец стигна до третата победа оваа сезона и во целата своја кариера, по победите во Сочи и во Шпилберг.

Подиумот го комплетираше Себастијан Фетел за Ферари во уште една трка во која црвениот болид не можеше да се „носи“ со „Сребрената стрела“, а топ 5 го комплетираа Кими Раиконен во второто Ферари и една од ѕвездите на сезоната 2017, Макс Ферстапен во Ред бул.

Во поени завршија и Нико Хилкенберг во Рено, Серхио Перез  и Естебан Окон во Форс Индија, а Фернандо Алонсо освои два поени во последната трка на партнерството Мекларен-Хонда. Фелипе Маса пак, ја заврши својата Формула 1 кариера со 10. место и со еден поен за тимот на Вилијамс.

Интересен момент беше претекнувањето на Алонсо над Маса за 10. место, со што се вратија спомените од нивното партнерство во Ферари, кога на Маса неколку пати му беше кажувано да го пропушти Шпанецот. Овојпат, Алонсо беше едноставно побрз.

Сега, за Ф1 фановите во 2017 останува уште зимскиот тест во Абу Даби, каде што покрај тестирањето на деловите за следната сезона, ќе се донесе одлука за возачките места во Вилијамс, каде што Роберт Кубица се надева на неверојатен кам-бек. Потоа следува паузата до јануари, кога ќе почне работата на болидите за следната сезона, пред зимското тестирање. Следната сезона повторно стартува во март со Австралиското ГП во Мелбурн.

Scroll to Top