Валтери Ботас вели дека е невозможно да се очекува дебитантот во Мерцедес, Џорџ Расел да го победи седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон во сезоната 2022.
Финскиот возач си замина од Мерцедес на крајот на минатата сезона и во 2022 ќе вози за тимот на Алфа Ромео, додека Англичанецот Расел по три години во Вилијамс се врати во Мерцедес како негова замена и со очекувања дека во иднина ќе биде светски шампион.
Ботас, кој помина пет сезони во Мерцедес, вели дека Хамилтон е едноставно предалеку за неговиот сонародник.
„Не гледам дека некој во блиска иднина со иста машина ќе го победи Луис. Џорџ ќе се адаптира бргу, бидејќи е со Мерцедес неколку години, но нема да го победи Луис. Јас најдобро ги знам постојаностите во неговите перформанси. Секој возач има промени во својата форма, но нивото на Луис е толку високо, што тоа едноставно не е возможно. Тој знае да се адаптира на сите услови, да реагира вистински, без разлика на патеката, условите или ривалите“, вели Ботас во интервју за „Сан“.