Top Sport

„Бунт“ во Мекларен, го сакаат Витмарш како шеф на тим

Британскиот таблоид „Дејли мејл“ тврди дека во тимот на Мекларен се подготвува бунт на незадоволните инженери и механичари кои сакаат да го вратат поранешниот шеф Мартин Витмарш по уште една проблематична сезона.

Иако трансферот од мотори на Хонда на тие на Рено требаше да донесе враќање на славните денови, тимот повторно е надвор од борбата за титулата со само 40 поени по седум трки. Најдобар резултат оваа сезона беше петтото место на Фернандо Алонсо на првата трка од сезоната во Австралија, и тимот не освои поени во последните две трки.

Според „Дејли мејл“, трпението попуштило оваа недела кога тркачкиот директор Ерик Булие по трката во седиштето во Вокинг признал дека не може да ги објасни слабите перформанси.

„Членовите на тимот беа толку лути на некомпетентноста на лидерите што планираат да побараат помош од Витмарш во последен обид да се сврти среќата“, тврди весникот.

Витмарш беше шеф на тимот додека не беше отпуштен од претходниот претседател на тимот, Рон Денис во 2014 година. Сега, откако Денис беше отстранет од тимот, Витмарш признава дека уште има контакти со акционерот на тимот, Саудиецот Мансур Оџех.

„Добивав доста пораки од луѓето во Мекларен, но им велам тоа да го проследат до Оџех, бидејќи јас немам сила да сменам ништо. Што би направил јас? Има премногу политика во тимот и мислам дека дел од нив мораат да заминат. Му го објаснив тоа на Мансур уште одамна. Тимот е навикнат да победува во Ф1, а сега мора да гледа кон други серии како Индикар и Ле Ман, што не е исправен чекор“, изјави Витмарш.

Фото: ЕПА

Scroll to Top