Поранешниот шампион, Насер Ал-Атијах (Тојота) го совлада Стефан Петерхансел (Пежо) по 523 километри од Чилечито до Сан Хуан во 12. етапа на Дакар релито, но најблиску до победата во генерален пласман останува Карлос Саинс.
Катарецот Ал-Атијах беше за 2 минути побрз од Петерхансел, додека третото место го освои Холанѓанецот Бернхард Тен Бринке (Тојота). Со второто место, Петерхансел ја намали разликата на Саинс во генерален пласман, бидејќи тој завршо 18 минути зад Ал-Атијах, но разликата останува на 45 минути на две етапи (вкупно 489 километри) до крајот и Петерхансел јасно посочи дека веќе нема надеж за титула.
„Не е можно повеќе да се фати Карлос. Но, ова е механички спорт, така што прво треба да се помине целта за да се победи. Ќе го бранам второто место од Насер, бидејќи ќе биде многу тешко да се заддржи“, изјави Петерхансел.
Организаторите претходно ја откажаа етапата за мотоциклистите и квад-возачите поради стравување од лошото време, што е вторпат да се откажува етапа за мотоциклистите оваа година по понеделничката етапа.