Што би била Формула 1 без обвинувања за „протекции“. Официјалниот снабдувач на пневматици во Ф1, Пирели пред Шпанското ГП направи контроверзен потег, најмалувајќи ја длабочината на „каналите“ на своите гуми за да се реши прегревањето на одредени патеки како Каталуња, но истиот случај ќе биде и во Силверстоун и во Пол Рикар.
Техничкиот директор на Пирели, Марио Изола вети дека „возачите нема да почувствуваат промени во перформансите“, меѓутоа, возачот на Ферари, Себастијан Фетел вели дека причината за овој потег се проблемите кои ги имаа ривалите од Мерцедес и Ред бул на тестирањето пред стартот на сезоната.
По квалификациите, Валтери Ботас беше запрашан дали Пирели сака да му помогне на Мерцедес.
„Не верувам, зошто би го направиле тоа?“, се запраша Финецот, пред неговиот колега Луис Хамилтон влета: „Тоа би било убаво“.
Шефот на тимот, Тото Волф беше директен.
„Дали ср.ње е лош збор на англиски? Сите тимови имаа проблеми на тестирањето, не само Мерцедес. Гумите немаше да издржат цела трка. Не знам откаде доаѓа шпекулацијата дека ние имаме толку влијание на Пирели и на ФИА. Зошто би го направиле тоа само за нас?“, се прашува Волф.
Фото: ЕПА