Шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер признава дека неговиот тим има тешка задача пред нив во следните 20-тина часа да најде брзина со која Макс Ферстапен би можел да му се спротистави на Луис Хамилтон на последната трка од сезоната во Абу Даби, откако на вториот тренинг, Холанѓанецот имаше повеќе од половина секунда заостанување.
Ферстапен ја стартува последната трка израмнет на поени со Хамилтон, и со 9 победи во споредба со 8 на возачот на Мерцедес, но за да стане шампион мора да заврши пред седумкратниот шампион на неделната трка.
„Тие изгледаат многу конкурентни тука. Во првите два сектори се многу побрзи, додека во третиот се враќаме, но не до крај. Имаме 20-тина часа да најдеме подобар сетап и поголема брзина. Ќе работиме цела вечер тука и во фабриката во Милтон Кејнс. На подолги периоди изгледаме добро, но на еден круг не најдобро. Видовме дека моторот на Мерцедес им даде значителна брзина, и ние мораме да најдеме време на друг начин. Формата е кај Луис, кај Мерцедес. Но, имаме еден обид и ќе го дадеме максимумот. Макс возеше со страст, со срце, со храброст и ако успее да го направи ова ќе биде најголемото нешто што сме го направиле во Ф1“, изјави Хорнер.
Оваа изјава доаѓа откако во интервју за „Аутокар“, самиот Ферстапен кажа дека не би бил многу разочаран ако ја загуби титулата.
„За мене лично, титулата не е толку важна. Би било фантастично да ја освојам оваа година, но ако не успеам, тогаш ќе кажеме дека имавме добар болид и имавме добра шанса и чувството ќе биде добро. Секогаш кога сум во битка, тоа ме прави да се чувствувам добро“, изјави Ферстапен.