Top Sport

Деби победа за Еванс, петта светска круна за Ожие

Себастиен Ожие стигна до својата петта Рели ВРЦ титула едноподруго откако заврши како трет на Британското рели во Велс, додека Велшанецот Елфин Еванс стана првиот домашен победник на трката по 17 години.

Ова е прва победа за Еванс по вторите места во Аргентина и Финска, и до неа стигна со 37.3 секунди пред Белгиецот Тјери Нојвил во Хјундаи, додека Ожие заостана дополнителни 7.9 секунди со својата Форд Фиеста.

28-годишниот Еванс, кој беше убедлив на четиридневниот тежок тест на шумското рели, го повтори успехот на Ричард Барнс, кој победи во Британија во 2000 година.

Сепак, славата отиде кај Французинот Ожие, кој се приклучува на рели легендите. Со само Австралиското рели на календарот, Ожие има 215 поени пред Нојвил (183) и својот естонски колега од М-Спорт, От Танак (169).

Французинот Ожие, заедно со со-возачот Жулиен Инграсија, дојде во М-Спорт откако минатата година германскиот гигант Фолскваген се повлече од спортот, и е само вториот возач со пет ВРЦ титули, откако неговиот сонародник Себастиен Леб стигна до девет последователни круни од 2004 до 2012 година.

Тимот на 33-годишниот Ожие, М-Спорт ја освои титулата кај конструктори првпат од 2007 година за двојно славје во Велс.

Scroll to Top