Трикратниот Ф1 шампион, Сер Џеки Стјуарт вели дека за Луис Хамилтон нема место во топ 3 возачите во историјата на спортот, иако овој викенд тој може да го израмни рекордот на Михаел Шумахер од 91 победи, а исто така е на добар пат да стигне и до седмата светска титула.
„Луис е екстремно добар возач, кој не прави многу грешки и во никој случај не сакам да ги намалам неговите квалитет, меѓутоа нема споредби со некои други возачи. Тој направи многу добра одлука кога си замина од Мекларен во Мерцедес и за тоа мора да му се симне капа. Но, искрено, неговиот болид и неговиот мотор се толку супериорни, што дури изгледа нефер кон неговите конкуренти“, вели Шкотланѓанецот.
Стјуарт нема сомнеж кои се тројцата најдобри возачи во историјата.
„Хуан Мануел Фанџо, според мене, е убедливо најдобриот возач во историјата, со Џим Кларк на второто место, за малку пред Аиртон Сена. Но, имаше и возачи кои имаа огромен талент, но поради слабите болиди не стигнаа до трофеи. Стирлинг Мос беше еден од таквите, кој никогаш не доби вистинска машина. Затоа треба да работите да се гледаат од таа перспектива“, додава Стјуарт.