Новиот шеф на Формула 1, Стефано Доменикали вели дека спортот преговара со нови производители на автомобили, кои се обидува да ги убеди за „вредноста“ на платформата која го носи спортот.
Последниот автомобилистички производител кој влезе (односно се врати) во Ф1 беше Хонда во 2015, додека Рено се трансформираше од производител во конструктор преземајќи го тимот на Лотус во 2016 година. Од тимовите, Хас Ф1 е последниот нов тим, кој почна со работа во 2016. Иако Астон Мартин како име се враќа оваа година, легендарниот британски производител ќе го даде името на Рејсинг поинт Ф1, постоечки тим во сопственост на директорот на Астон Мартин, Лоренс Строл.
„Мислам дека најголемиот предизвик на производителите на автомобили денеска е да се чувствуваат помлади. Има битка помеѓу ‘старата школа’ на производители и новата. Тие можат да ја искористат нашата платформа да добијат подобар имиџ. Можам да признаам дека преговараме со неколку производители кои се заинтересирани за влез. Тие во моментот не сакаат публицитет, но добро е што овие важни компании размислуваат за Ф1“, изјави поранешниот директор на Ламборгини и ексшеф на Ф1 тимот на Ферари, Доменикали.
Формула 1 следната сезона влегува со нови технички правила, додека новата дефиниција на моторите треба да се воведе во 2025 или 2026, кога се очекува да се намалат трошоците за изработка на компликуваните хибридни машини.