Иако е лидер во генерален пласман во Мото ГП шампионатот, Андреа Довициозо вели дека Американското ГП во Остин покажало дека Дукати има „премногу негативни аспекти“ на својот мотоцикл.
Довициозо победи на првата трка од сезоната во Катар, по што имаше две „тивки“ трки – шесто место во Аргентина и петто во Остин. Во САД тој се жалеше дека патеката не одговара на нивниот мотоцикл, посебно во кривините, и во забрзувањето по нив.
„Потврдуваме дека негативните работи се премногу големи. На крајот, го остварив максимумот, бидејќи и пред трката знаевме дека нема да бидеме брзи. Знаевме каде можеме да го подобриме мотоциклот во текот на зимата, но на крајот не успеавме многу. Уште не сме доволно конкурентни во кривините, каде што Хонда е супериорна. Тие успеаја да се одвојат пред сите“, вели Довициозо.
Италијанецот, кој лани цела сезона беше најсериозниот ривал на Марк Маркез за титулата, сега има еден поен предност пред Шпанецот.
„Шампионатот е тесен, но барем успеавме три трки да ги завршиме без проблеми. Не совршено, но барем добро. Ќе видиме во Муџело во јуни дали ќе имаме сили за титула оваа година, и дали ќе бидеме моќни на „нашите“ патеки. Затоа не сме опуштени“, додава Италијанецот.
Фото: ЕПА