Асот на Ферари, Кими Раиконен повторно беше во своето типично расположение на прес-конференцијата пред Бразилското ГП.
Раиконен, кој во текот на својата кариера доби многу фанови со своите квалитети на патеката, има одреден дел на фанови кои се восхитуваат на неговиот неверојатно „лежерен“ стил на одговарање на прашањата на новинарите, кога изгледа дека би бил посреќен на било кое друго место на светот.
Таков беше случајот и во Сао Пауло, каде што прво го побараа неговото мислење за Бразил, каде што пред 10 години ја освои својата единствена титула (со Ферари). Дали тој имаше некои посебни сеќавања?
„Тоа беше одамна. Секако, тоа беше голем ден, но не беше само тој ден туку така беше цела сезона. Имаше некои добри моменти, некои не толку убави, но на крајот сè помина ОК. Не сум размислувал за тоа многу време, бидејќи не го менува мојот живот сега, така што нема да правам голема приказна од тоа“, отсече Раиконен.
Тој потоа беше прашан што мисли за повлекувањето на својот поранешен колега Фелипе Маса. Бразилецот си заминува од Вилијамс на крајот на сезоната, но така рече и минатата година пред англискиот тим да го убеди да остане уште една сезона.
„Тој повторно се пензионира. Затоа да видиме дали тоа ќе се случи или ќе го видиме пак тука со нас на првата трка следната година“, одговори „Ајсмен“.
На крајот, Раиконен даде „пресек“ на сезоната.
„Мислам дека местото на кое сме во шампионатот покажува колку добри или лоши сме биле“, одговори филозофски Финецот.
Ако овој транскрипт на разговорот не е доволен, еве ја последната реклама на Финецот. Нормално, во неа тој рекламира алкохолен пијалок, но ентузијазмот е на ниво.
Ако и тоа не е доволно, еве ви една стара компилација на „најдоброто“ од Кими Раиконен. Во зборови и слика.