Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун вели дека Матија Биното нема капацитет да го предводи славниот тим и додава дека сите во Ферари знаат дека е грешка што тој е на таква позиција, кога неговата стручност е во техничката работа.
Биното го замени Маурицио Аривабене по разочарувачката сезона 2018, но ниту лани Ферари не успеа да ги победи Мерцедес, што беше крајно разочарувачки посебно бидејќи италијанскиот тим во поголемиот дел од сезоната имаше најбрз болид.
„Тој е инженер, а на Ферари им е потребен човек кој ќе осигура работите да бидат завршени како што тој ќе каже. Не некој што вели, може да се случи, туку некој кој вели мора да се случи. Нема демократија во водење на Ф1 тим. Јас се договарав Флавио Бриаторе да стане шеф на Ферари, бидејќи тој ќе го направеше тоа што го направи во Бенетон и Рено – ќе ги украдеше најдобрите луѓе од другите тимови. Единствен проблем можеби ќе беше што потоа Флавио ќе тврдеше дека Ферари е негов тим“, вели Еклстоун во интервју за „Дејли мејл“.