Берни Еклстоун по подолга пауза се врати на Формула 1 трка минатиот викенд, откако ексшефот на Ф1 беше гостин на својот стар пријател, шефот на Ред бул, Дитрих Матешиц.
Англичанецот не криеше дека би сакал оваа сезона да победи неговиот пријател и поранешен партнер за играње табла, Себастијан Фетел, бидејќи според него, на сите им е веќе доста од титулите на Мерцедес.
„Навистина би сакал Себастијан да донесе титула за Ферари. Лани беше многу блиску и навистина ја заслужува. Покрај тоа, на Формула 1 не би и било лошо Мерцедес малку да не победува“, вели Еклстоун.
87-годишниот Еклстоун беше тргнат на страна по речиси 40 години на чело на спортот од страна на новите американски сопственици „Либерти медија“, но вели дека страста за спортот не го напуштила.
„Уште ги гледам сите трки, но сега навистина опуштено. Оваа година трките се возбудливи, уште подобри од лани. Конечно, Ферари направија скок кој го чекавме толку долго време. Исто така убаво е да се види и Ред бул како се бори напред и мислам дека фановите го добиваат тоа што го сакаат. Сакам Ф1 да биде многу поуспешен спорт“, вели милијардерот.
Фото: Sutton images