Шведскиот возач на Заубер, Маркус Ериксон признава дека „главната грижа“ му е несигурноста на работното место поради најавената подлабока соработка меѓу Заубер и Ферари во 2018 година со можно враќање на брендот Алфа Ромео во Ф1.
Се верува дека Ферари како дел од договорот ќе бара место за Ф2 шампионот, Шарл Леклер, а не е невозможно да го бара и второто место во швајцарскиот тим за Антонио Џовинаци. Со ова сценарио ќе се стави крај на четиригодишната Ф1 кариера на Ериксон во швајцарскиот тим, а без работа ќе остане и Паскал Верлајн, јуниорскиот возач на Мерцедес, кој сепак има опција да оди во Вилијамс.
Шведските спонзори на Ериксон вложија многу во тимот во последните 18 месеци, но тој признава дека иднината не е сигурна.
„Од тоа што јас го знам, има преговори со Ферари за тоа како ќе се одвива соработката. Знам дека Ферари сакаат двајца јуниорски возачи во тимот, и тоа е главната грижа за мене во моментов. Засега, нема одлука, но и јас немам алтернатива во друг тим“, признава Ериксон.