Формула 1 нема да има модели на стартот на секоја трка, но останува спорт на „гламур и мистика“, вели шефот на спортот, Чејс Кери.
Американецот Кери, кој го замени Берни Еклстоун на чело на Ф1 минатата година по купувањето на спортот од страна на „Либерти медија“, изјави дека тој лично би ги заддржал моделите кои ги држат бројките на возачите пред секоја трка.
„Мислам дека реакцијата беше очекувана. Немаше изненадување – многу Ф1 фанови сметаа дека девојките се дел од спортот со кој пораснаа и го почитувам тоа. Лично, и мене ми се допаѓаа тие девојки, но тоа е одлука направена за фановите, а не за мене“, вели Кери во интервју со „Дејли телеграф“.
Според него, многумина сметале дека девојките се „искористувани“ и дека се работи за елемент кој е надраснат и непристоен за Формула 1, иако многу од девојките ја почитуваа својата работа.
„Гламурот ќе остане. Ќе продолжи да има убави девојки на трките и нашиот спорт ќе остане посебен. Ова е спорт на гламур и мистика, но мора да се развиваме. Денешниот свет има поинаков сензибилитет од тој пред 10-тина години. Ако не се менувате само сте тврдоглави“, додава Кери.