Формула 1 ја разгледува можноста дупло да го зголеми бројот на спринт-трките од следната сезона, објави „Скај спорт“.
ФИА допрва треба да даде зелено светло за овој предлог, откако ќе направи проценка, пред се во трошоците со кои ќе бидат соочени тимовите.
Моментално во календарот за оваа сезона има три спринта, а првиот беше на Големата награда на Емилија Ромања во Имола, каде победи актуелниот светски шампион и возач на Ред Бул, Макс Верстапен.
Формула 1 и тимовите сакаат да го зголемат бројот на спринт-трките со оглед на популарноста што ја стекнаа. Пласманот во спринтот го одредува поредокот на стартот во главната трка, која се вози наредниот ден .
Управниот орган на ФИА допрва треба да даде зелено светло за вклучување на шест спринтерски трки во календарот од следната сезона. Дополнителните трошоци може да бидат голем проблем во спроведувањето на овој план.