Поранешниот возач на Мекларен, Белгиецот Штофел Фандорне открива дека неговиот поранешен колега Фернандо Алонсо имал целосна контрола на работата на тимот и секогаш добивал „сè што ќе посака“.
Фандорне, кој беше ГП2 шампион во 2015, доби место во Ф1 во 2017 покрај Алонсо, но не успеа да покаже многу резултати во двете сезони, пред од лани да се пресели во електричната Формула Е серија. Тој признава дека не било лесно во Мекларен.
„Никогаш не сум имал проблеми со него, но тој секогаш добиваше сè што ќе посакаше. Секогаш имаше двајца-тројца луѓе на висока позиција во Мекларен кои правеа сè за работите да одат по негово. Му ја дадоа целата поддршка и целата моќ. Секој возачи би добивал екстра перформанси ако само тој добива екстра делови на болидот“, вели Фандорне.
Белгиецот, неславно, во 2018 година не успеа да го победи Алонсо во квалификациите и во трките во кои двајцата завршија, но Алонсо секогаш имаше само убави зборови за Белгиецот, инсистирајќи дека тој е неговиот најбрз колега.
„На хартија, никогаш не завршив пред него, но бев најблизок до него од сите негови колеги. Мекларен никогаш не ми кажаа директно да не го победам, но честопати ми велеа да го пуштам во текот на трките“, додава Фандорне.