Шефот на Ферари, Матија Биното тврди дека повеќе пати прегледуваниот мотор на тимот ја докажал легалноста во 2019 и покрај постојаните забелешки од ривалските тимови.
Ферари во поголемиот дел од сезоната имаше помоќен мотор од ривалите од Мерцедес, посебно од летото, кога нанижаа шест пол-позиции во низа. Формата падна на Американското ГП и Бразилското ГП, во период кога ФИА издаде три технички директиви за разјаснување на правилата за мотори, а Макс Ферстапен директно ги обвини дека „мамеле“.
„Ако ја погледнете целата сезона, ние секогаш бевме најпроверуваниот тим во Ф1, пред и по техничките директиви. Кога ќе имаш предност во перформанси, која ја имавме, мора да ве проверат и тоа нормално бидејќи така се потврдува легалноста. Тоа што требаше да се направи со ФИА се направи. Не го сменивме нашиот мотор во вториот дел од сезоната и покажавме дека сме во право. Да не беше така, сигурно ќе не казнеа, во првата прилика“, објаснува Биното.