Претседателот на Ферари, Серџо Маркионе ги предупреди луѓето кои сметаат дека тој „блефира“ со заканите за откажување од Формула 1 дека се „играат со оган“.
Канаѓанецот со италијанско потекло, кој покрај тоа што е претседател на Ферари е и извршен директор на гигантот Фиат-Крајслер, претходно најави дека без проблем ќе реши најтрофејниот и најстариот Ф1 тим да излезе од шампионатот доколку Ф1 тргне во насока која не им одговара. Бидејќи Ферари и во минатото имаше вакви закани, многумина сметаа дека заканата не е сериозна.
„Некои луѓе велат дека нашата закана за правилата за 2020/2021 е блеф, но мислам дека се играат со оган. Ситуацијата е сменета од 2015 година. Оттогаш сите знаат дека ако се заканиме со нешто, ќе го направиме тоа. Најголемата предност е што сегашниот Конкорд договор е многу различен од претходните и ни дава поголема слобода. Претходно беше невозможно да гледаме алтернатива надвор од циркусот. Сега, можеме да направиме нешто слично како Формула 1“, изјави Маркионе за време на традиционалната пред-божиќна прес-конференција во Маранело.
Маркионе останува загрижен од обидот на новите сопственици на Ф1, „Либерти медија“ да ја поедностават техничката страна на правилата.
„Најзагрижен сум од тоа што во ‘Либерти’ има човек со големо искуство во Формула 1, Рос Браун, кој сака да го сврти спортот во насока во која нема ДНК на тркање. Ние сме дел од историјата на Формула 1, така што разбираме што е ср.ње, а што е Ф1. Имаме тркачки оддел кој работи само на Формула 1. Сакаме баланс на нашите интереси за да се избегне излегување од Формула 1. Ако мора да го направиме тоа, тогаш ќе си одиме. Можеби ќе повлечеме и некој друг тим“, вели Маркионе.
A look back at the 2017 season. Now it’s time to focus on next year. #ForzaFerrari pic.twitter.com/FfouWCeUM2
— Scuderia Ferrari (@ScuderiaFerrari) December 18, 2017