Top Sport

Ферари: Ривалите со обвинувањата за мамење вршеа притисок

Шефот на Ферари, Матија Биното вели дека обвинувањата дека неговиот тим мами пред Американското ГП во Остин биле само „тактика“ за да се постави притисок на италијанскиот тим.

Ред бул рејсинг, заедно со Мерцедес, наводно побараа од ФИА да ги „разјасни правилата“ околу тоа што е дозволено со манипулацијата на горивото во моторот, по што ФИА со три технички директиви ги ограничи „триковите“ кои ги користеа инженерите на Ферари, по што падна нивната директна брзина.

Иако никој од тимовите директно не ги обвини за мамење, возачот на Ред бул, Макс Ферстапен изјави дека падот на перформансите на Ферари е разбирлив бидејќи „тоа го добиваш кога ќе престанеш да мамиш“. Биното вели дека падот на перформансите е случајност, и ги обвини ривалите дека сакале да играат „ментални игри“.

„Вистина е дека нашата предност падна по новите препораки на ФИА, но тимовите повлекоа погрешен заклучок. Ние не сменивме ништо на нашите мотори. Мислам дека не се сомневаа во нашиот интегритет, туку ја искористија ситуацијата да постават притисок на нас. Тоа е дел од играта во Формула 1 – да ги вознемириш противниците. Не се работи за спортска или техничка конкурентност, туку само да се наштети на ривалот. Сите ја играат таа игра на тој начин“, вели 50-годишниот Биното.

Scroll to Top