Макс Ферстапен ги отфрли шпекулациите дека бара Серхио Перез да биде исфрлен од тимот на Ред бул и на негово место да дојде Даниел Рикардо, кој неодамна се враати во тимот како трет возач.
Шпекулациите се појавија по контроверзното Бразилско ГП, кога Ферстапен одби да му го пропушти шестото место на Перез кој се бореше за обезбедување на второто место во генерален пласман, кое на крајот го загуби на последната трка во Абу Даби. По ова, таткото на Перез, Антонио Перез инсистираше дека неговиот син ќе бара „целосна еднаквост“ во тимот во 2023 и 2024, последните две сезони од неговиот договор со „бикот“. По ова, германскиот „Спорт 1“ објави дека Ферстапен веќе не сака да вози покрај Перез, но 25-годишниот Холанѓанец го демантира тоа.
„Нашите односи во тимот се добри, всушност, се исти какви што биле секогаш. Дури и сега да објаснам што се случи во Бразил, луѓето нема да разберат. Не сфаќаат што се случува во тимот во текот на сезоната. Луѓето мислат дека не сум тимски играч, но јас секогаш сум отворен. На пример, секогаш работам со Џанпјееро Ламбијасе на сет-апот на болидот, кој потоа се предава на другата страна на гаражата. Ништо не се вели за тоа, но тоа е океј, двата болиди мора да се добри. Никогаш не кријам ништо од тимот“, вели Ферстапен за холандскиот „Виаплеј“.