Макс Ферстапен, откако бил запрашан за совет, им порачал на шефовите на Ред бул да го ангажираат Германецот Нико Хилкенберг како негов колега во 2021 година.
Откако денеска беше потврдено дека Пјер Гасли останува во Алфа Таури уште една сезона и со слабата форма на Алекс Албон, шансите на Хилкенберг да добие постојано место во Ф1 се зголемија. Ферстапен има одлични односи со Германецот и честопати беа забележувани како се дружат во боксот минатите сезони.
Запрашан од холандските новинари дали е точно дека го преферира Хилкенберг, Ферстапен изјави дека тоа не е многу важно.
„Не размислувам, бидејќи јас не ја носам таа одлука. Во Ред бул ме прашуваат за мое мислење, но тоа не е многу важно во одлуката. Ќе почекаме“, изјави Ферстапен.
Според весникот „Де телеграф“, Ферстапен активно лобирал за Хилкенберг, кој потекнува од градчето Емерих на холандската граница и тој дури течно зборува холандски. Исто така, Макс верувал дека со Хилкенберг ќе имаат повеќе шанси да се борат со Мерцедес, бидејќи се работи за возач со самодоверба и ментална сила, како неговиот поранешен партнер Даниел Рикардо.