Top Sport

Ферстапен: Хамилтон ме „закача“ бидејќи сум млад

Макс Ферстапен вели дека Луис Хамилтон го „закача“ бидејќи е „лесно да се обвинуваат младите возачи“, откако двајцата пристигнаа во Шангај пред Кинеското ГП овој викенд.

Светскиот шампион го нарече возачот на Ред бул „к.роглав“ по крајот на Бахреин ГП трката по нивниот контакт, по што отиде понатаму и изјави дека Холанѓанецот не ги почитува возачите и дека со друг возач Ред бул ќе освоеја повеќе поени. Во четвртокот, тој се извини за коментарите, но Ферстапен вели дека знае што е позадината на конфликтот.

„Зошто? Бидејќи е едностсавно и лесно да се обвинуваат младите возачи. Тоа е единствената причина“, изјави Ферстапен.

Двојката имаше контакт на почетокот на трката во Бахреин, кога по судир со гумите, Ферстапен доби дупната гума и се откажа од трката, додека Хамилтон остана на патеката. 20-годишниот возач на Ред бул останува на своето – не направил ништо погрешно.
„Тоа е тркањето. Понекогаш функционира, понекогаш не. Имав фер обид и не направив ништо погрешно – се обидов да го претекнам болидот пред мене. Нема да се сменам, тоа е сигурно“, додава Ферстапен.

Хамилтон, кој е 13 години постар од Ферстапен, е под притисок на трката во Кина откако Себастијан Фетел со Ферари стигна до победи на првите две трки од сезоната, но најде време да му се извини на Ферстапен.

„Се ракував со него и му кажав дека ми е жал за тоа што го кажав по последната трка. Добро е да се покаже почит, без разлика што јас сум постариот и затоа отидов кај него. Не е важно дали беше негова или моја грешка, бидејќи е во минатото. Се надевам дека ќе одиме напред. Ќе бидам повнимателен со моите изјави“, објасни Хамилтон.

Фото: ЕПА

Хамилтон: Ред бул не го извлекуваат максимумот од Ферстапен (видео)

Scroll to Top