Top Sport

Ферстапен му врати на Фетел: Можеби треба да го смени стилот!

Асот на Ред бул рејсинг, Макс Ферстапен на шега го посоветува Себастијан Фетел да го смени стилот, откако возачот на Ферари го загуби водството во генерален пласман по инцидентот кој го предизвика во првиот круг на Француското ГП.

Ферстапен заврши втор зад светскиот шампион Луис Хамилтон, а ова беше совет кој 20-годишниот Холанѓанец го добиваше честопати оваа сезона.

„Искрено, тоа не е прифатливо. Така ми кажуваа мене на почетокот на сезоната, така што ништо не е сменето. Секако, Себ не треба да направи ваква грешка во иднина и да научи од ова и да оди понатаму“, изјави со насмевка на лицето, Ферстапен.

Ова беше трет подиум во последните четири трки по стартот на сезоната во кој имаше голем број на инциденти.

Фетел стартуваше како трет во Франција зад возачите на Мерцедес, но неговата трка се уништи за неколку секунди. Четирикратниот светски шампион се удри во Ботас и двајцата завршија на последното место, а Германецот доби казна од пет секунди. На крајот тој беше петти, а Ботас седми.

Фетел не сакаше да влегува во дискусија.

„Престар сум за овие работи. Стартот беше многу добар, но потоа немав каде да отидам. Се обидов да се извлечам, но беше многу тесно. Немаше многу работи кои можев да ги направам поинаку“, изјави Фетел.

Фото: ЕПА

Scroll to Top