Макс Ферстапен постави најдобро време на двата тренинзи пред Канадското ГП во Монтреал, покажувајќи дека Ред бул посакува борба со Ферари и Мерцедес овој викенд.
Со сет на „хипер-меки“ гуми на Пирели, Ферстапен го симна Кими Раиконен во Ферари од првото место со време од 1:12.198, за 0.13 побрзо од времето на Финецот. Даниел Рикјардо во вториот Ред бул беше на третото место со 0.405 поспоро време.
Ова „шоу“ на Холанѓанецот доаѓа откако тој беше под притисок на критичарите по низата грешки на стартот на сезоната – пет трки на кои имаше судир или излетување. По ова тој на прес-конференцијата во четвртокот изјави дека му е мака од такви прашања и дека следниот кој ќе го праша ќе добие „удар со главата“.
Светскиот шампион Луис Хамилтон во Мерцедес беше на четвртото место, а неговиот колега Валтери Ботас беше шести, но времињата на возачите на „Сребрената стрела“ малку „лажат“ бидејќи тие не користеа хипер-меки гуми.
Себастијан Фетел беше петти со 0.787 поспоро време од Ферстапен, а од седмото до десеттото место беа Роман Грожан (Хас), Естебан Окон (Форс Индија), Серхио Перез (Форс Индија) и Фернандо Алонсо (Мекларен).
Фото: ЕПА
FP2 CLASSIFICATION: A perfect first day for @Max33Verstappen #CanadianGP #F1 pic.twitter.com/YJk7rxVZH7
— Formula 1 (@F1) June 8, 2018