Двократниот актуелен светски шампион, Макс Ферстапен уште еднаш го искажа своето незадоволство во краткит спринтерски трки, иако има 3 победи во седумте трки кои се одржаа последните три години.
Возачот на Ред бул вчера заврши трет во трката во која победи неговиот колега Серхио Перез и која беше одбележана со конфликтот со ривалот од Мерцедес, Џорџ Расел, и го нападна експериментот на Формула 1 со саботни кратки трки.
„Хаотично е. Ова за мене, не е вистинска трка, повеќе е како обложување. Мислам дека би имал повеќе успех во Лас Вегас ако одам во казино. Тоа е како фудбалски натпревар во кој водите како 3:0 и одеднаш велите: ‘Ајде да почнеме од 0:0’. Јас сум тркач и сакам трки, а ова е шоу. Секако, важно е да биде забавно, но мислам дека подобар рецепт за тоа е да имаме поеднакви болиди за да има поблиско тркање“, вели Ферстапен.
Холанѓанецот се закани дека ќе се повлече од Формула 1 по крајот на неговиот договор со Ред бул ако продолжат ваквите промени, но од друга страна, возачите од неговата генерација, како Расел, Шарл Леклер, Лендо Норис ги подржуваат промените на тркачкиот викенд.