Top Sport

Ферстапен: Никогаш не сум бил „Лудиот Макс“

Младиот возач на Ред бул рејсинг, Макс Ферстапен вели дека никогаш не се гледал во улога на „Лудиот Макс“ иако таблоидите најдоа прикладно да му дадат ваков епитет по славната филмска серија по неговиот блескав раст во Ф1 и борбеноста на патеката.

Пред неговата петта Ф1 сезона на само 21 година, најмладиот победник во историјата сега ќе биде „искусниот“ во тимот на Ред бул, откако Даниел Рикардо замина во Рено и беше заменет со Пјер Гасли, иако тој е две години постар од него.

„Не можам да се сметам како почетник повеќе бидејќи имам четири сезони зад мене. Нема изговори и морам да бидам зрел. Јас никогаш не бев ’Лудиот Макс’. Туку само Макс кој се обидуваше да научи и да извлече максимум“, вели Холанѓанецот за „Ројтерс“.

Сепак, тој и неговото однесување, кое му донесоа многу фанови не секогаш беше најзрело. Лани на Канадското ГП кога повторно беше запрашан за грешките на патеката изјави дека може да „зачука некој со глава“. Во Мексико по трката се туркаше со Естебан Окон по што доби казна.

„Мојата цел е да бидам тука најмалку 15 години. Имам уште 11-12 години и кога ќе имам 32 ќе престанам. Се чувствувам удобно во мојата позиција и едвај чекам сезоната да почне“, вели Ферстапен.

Scroll to Top