Асот на Ред бул, Макс Ферстапен има фантастичен старт на новата Формула 1 сезона со една победа и едно второ место и признава дека оваа година е многу поопуштен и вози со помалку стрес само бидејќи има подобар болид.
Шампионот Луис Хамилтон во Мерцедес исто така има една победа и едно второ место и е лидер во генерален пласман само поради еден дополнителен поен од Имола за најбрз круг, и Ферстапен знае дека го очекува тешка битка ако сака да сопре доминацијата на „Сребрената стрела“.
„Оваа година е многу поинаку бидејќи имам побрз болид. Веднаш е поубаво да се вози. Ќе бев под многу голем стрес да немав брза машина. Сепак, сезоната само што започна и мислам дека ќе биде клучно кој ќе го развива болидот побргу и ќе донесе нови делови. Мораме да се потрудиме да останеме на врвот и имам целосна доверба во тимот“, признава Ферстапен.
Третата трка од сезоната е на програма на 2 мај на патеката Портимао во Португалија.