Top Sport

Ферстапен: Сега правилата за претекнување не важат за Хамилтон?

Двократниот актуелен светски шампион, Макс Ферстапен вели дека оваа сезона не се почитуваат правилата за претекнување во Ф1, откако неговиот стар ривал, Луис Хамилтон го помина во првиот круг од Австралиското ГП.

Возачот на Ред бул ја загуби првата позиција од Џорџ Расел на стартот на неделната хаотична трка во Мелбурн, а потоа Хамилтон од внатрешната страна на неговиот болид на третата кривина заврши пред него. Ферстапен веднаш реагираше на радиото велејќи дека возачот на Мерцедес го „истуркал“. Подоцна во трката, Ферстапен лесно го помина Хамилтон за првпат во кариерата да триумфира на Алберт Парк.

„Се обидов да избегнам контакт. Правилата се јасни за тоа што можете, а што не можете да го правите од надворешната страна, но јасно е дека тоа не важи сега. Но, океј, имавме брзина и ги поминавме, но мислам дека треба да се зееме во предвид за следните трки“, изјави Ферстапен.

Хамилтон, секако, не се согласуваше со оваа проценка.

„Мислам дека потегот беше добар. Тој сопре порано, јас подоцна, и бев целосно на внатрешната страна и му оставив доволно простор. Не го истуркав од патеката и тој не сврте во мене. Тоа е тркање“, вели Хамилтон.

Scroll to Top