Шокантното заминување на Даниел Рикардо од тимот на Ред бул следната сезона, остава едно атрактивно слободно место во „бикот“ следната сезона, и иако многумина сметаа дека Карлос Саинс Јуниор е „природниот наследник“ на ова место, тој ќе налета на „вето“ на Макс Ферстапен.
Рикардо следната година заминува во Рено како колега на Нико Хилкенберг, што значи дека Саинс, кој е позајмен возач од Ред бул, нема место за следната сезона, така што беше нормално тој да е еден од кандидатите за место во главниот тим на „бикот“.
Меѓутоа, според шпанска „Марка“, Ферстапен смета дека Саинс може да биде закана за неговиот статус на лидер на Ред бул, а добро го познава синот на поранешниот рели ВРЦ и рели Дакар шампион, Карлос Саинс, бидејќи во 2015 беа клупски колеги во Торо росо.
Според шпекулациите, најверојатен партнер на Ферстапен во 2019 ќе биде 22-годишниот Французин Пјер Гасли, кој оваа година импресионира со Торо росо, бидејќи Ред бул не планираат да му дадат понуда на Фернандо Алонсо.
Вака, за Саинс останува можноста да стане возач на Мекларен, откако претседателот на тимот, Зек Браун изјави дека е заинтересиран за него „ако е достапен“. Дали ова значи дека Алонсо ќе замине во пензија, или Белгиецот Штофел Фандорне ќе го загуби местото, останува да се види.