Себастијан Фетел е еден од Ф1 возачите кои секогаш ја ценеле својата приватност и никогаш не биле дел од џет-сетот, за разлика од неговиот ривал за титулата оваа сезона Луис Хамилтон.
Четирикратниот шампион, кој посакува да ја донесе титулата за Ферари по повеќе од една деценија, има осум поени предност пред Хамилтон и во интервју за британскиот весник „Гардијан“ објаснува зошто Ф1 не е најважното нешто во неговиот живот. Фетел во кариерата има 51 победи во 216 стартови од дебито во 2007 година и сега е израмнет со Алан Прост на третото место на вечната листа.
„Очигледно Ф1 е голем дел од мојот живот, но не и најважната работа. Тоа не е тоа што сум, тоа е мојата работа. Поврзани се, но има многу денови во кои тоа не ме дефинира мене како личност. Не се чувствувам посебно поради мојата работа. Тоа е дел од мојот идентитет, но кога ќе се прашам: ’Кој сум јас’, не велам дека сум Ф1 возач. Јас сум и многу други работи“, вели Фетел.
Германецот живее во Швајцарија со својата партнерка Хана Пратер со која има две ќерки – четиригодишната Емили и тригодишната Матилда, кои се ретко во боксот – кога се на трките, тие се на трибините.
„Среќен сум да правам работи кои за многу луѓе се досадни, но не и за мене. Сакам да сум дома, да косам трева. Да готвам, иако не сум многу добар. Одам на шопинг, се возам со метро и со автобус. Јас сум спортист, не сум селебрити. Кога ќе одам некаде, ќе ме препознаат, и сакам да мислам дека се заинтересирани за спортот, а не за мојата фризура или какви чевли носам. Мислам дека е нормално да си нормален“, вели со насмевка Фетел.