Top Sport

Фетел и Леклер разговарале по последното „несогласување“ на патеката

Возачите на Ферари, Себастијан Фетел и Шарл Леклер имале разговор на кој се „разјасниле“ несогласувањата откако Германецот имаше фуриозно обраќање до својот тим по рестартот на трката во Бахреин во неделата.

Пред првата кривина на Сакир, Фетел беше изненаден што го виде Леклер како се „протнува“ од внатрешната страна бидејќи во исто време од другата страна беше Карлос Саинс Јуниор во Мекларен и мораше да „удри“ на сопирачките и да го пушти Леклер за да се избегне инцидент како на ГП на Штаерска, кога двајцата не ја завршија трката. Но, тоа не значеше дека ќе молчи на радиото.

„И повторно! Не може да го прави тоа така како да не сум јас таму. Истото како во Австрија, сериозно. Овојпат, знаете… Можеби требаше да се судрам. Можеби тоа беше подобра опција“, почна Фетел, па откако му одговорија „разбираме“, продолжи: „Цело утро зборуваме за оставање простор, и тогаш тој оди вака во место каде што не постои и се моли другиот да го види и да се тргне“.

Леклер на крајот заврши како 10-ти, а Фетел три места подолу. Леклер призна дека двајцата разговарале.

„Од моја страна ќе кажам дека беше многу тесно. Но, од друга страна, за разлика од Штаерска, каде што не бев на видливо место, овојпат се обидов тој да ме види. Имаше простор и отидов таму“, изјави Леклер.

Фетел не сакаше да ја „шири“ темата.

„Не мора да правиме голем работа од тоа. Беше тесно. Ако имаш три болиди во првата кривина, понекогаш функционира, но повеќето време создава проблеми. Зборувавме, одиме понатаму, не е голема работа“, вели Фетел.

Scroll to Top