Top Sport

Фетел изненадувачки најбрз во Силверстоун, Ферстапен пак излета! (видео)

Себастијан Фетел покажа дека Ферари планира да оди на победа овој викенд, откако постави најдобро време на вториот слободен тренинг за Британското ГП, додека Макс Ферстапен по победата минатиот викенд, сесијата ја заврши во бариерите.

Новиот лидер во генерален пласман, Фетел постави време од 1:27.552 на меки гуми за да биде најбрз во попладневната сесија, откако не беше блиску до победникот на првиот тренинг, Луис Хамилтон. Британскиот возач на Мерцедес неколку пати се пожали на менувачот на болидот во текот на сесијата, но беше втор со 0.187 секунди заостанување.

Ферстапен во Ред бул направи прекин на сесијата по само 15 минути, откако излета во бариерите на излезот од кривината Лафилд. Со ова се комплетира ужасниот петок за Холанѓанецот, кој во првата сесија имаше проблеми со менувачот и не ја заврши.

Трет најбрз со 0.357 секунди заостанување беше Валтери Ботас во Мерцедес, по што следуваа Кими Раиконен (Ферари), Даниел Рикардо (Ред бул), Фернандо Алонсо (Мекларен), Нико Хилкенберг (Рено), Естебан Окон (Форс Индија), Серхио Перез (Форс Индија), Шарл Леклер (Заубер).

Scroll to Top