Top Sport

Фетел: Од Ферари се тресат колената!

Ферари немаат освоено титула од 2007 година, така што очекувањата во Маранело и меѓу нивните тифози се огромни, посебно откако Италија нема да ја гледаат на Мундијалот. Човекот одговорен за оваа мисија, Себастијан Фетел го знае тоа многу добро.

Германскиот возач влезе во спортот фуриозно, станувајќи најмлад освојувач на поени, на победи, на титули, откако Ред бул го пронајде наследникот на Михаел Шумахер, освојувајќи четири титули во низа. Ова беше доволно да се убедат шефовите на Ферари дека тој е вистинскиот човек за враќање на славните денови. Фетел, во необично долго интервју со „Спорт билд“, вели дека го нае тоа.

„Мотивација. Јас си поставувам сам притисок за да се мотивирам. Најважно е да се држиме заедно како тим и да имаме план. Сите во Ферари го даваат својот максимум за успех и се екстремно мотивирани. Можете да ја почувствувате страста за брендот и сите ги жртвуваат личните интереси за успехот на тимот. Енцо Ферари еднаш кажа: ‘Не можете да ја опишете страста, туку треба да ја искусите’. Црвената можеби е само боја, но таа во Формула 1 е за Ферари, за брзина за успех. Работите од кои се тресат колената“, вели Фетел.

Запрашан како на 30 години со четири титули зад него наоѓа мотивација пред стартот на сезоната, Германецот е јасен.

„Има глад која те тера да продолжиш. Не се работи за годините, туку за тоа дали си доволно брз да бидеш напред. Титули со Ферари? Важно е да се остане смирен и трезвен. Ако секогаш размислуваш за целта, можеш да ги заборавиш важните чекори до неа. Јас секогаш сум бил човек кој размислува чекор по чекор“, додава Фетел.

Минатата сезона помеѓу другите работи ја одбележа инцидентот на Азербејџан ГП трката во Баку, кога Фетел ги загуби нервите додека беше зад Луис Хамилтон и безбедносното возило и возеше паралелно до него.

„Сите можат да судат кога ќе згрешиш. Некои граници не треба да се преминат, но тоа се случува во животот. Да не се случуваше животот немаше да биде вреден за живеење. Исто така, интересно е што луѓето сами си формираат своја проценка. Ако бидам критикуван, нека биде така, животот продолжува. Луис е четирикратен светски шампион и еден од најдобрите во историјата. Тој е противник на теренот, но не во животот“, објаснува Германецот.

На крајот, Фетел зборува за својата втора неочекувана страст – косењето трева.

„Косењето трева ми носи огромно задоволство. Имам мало тракторче за косење трева и кога ќе завршам работа, навистина сум задоволен“, завршува Фетел.

Scroll to Top