Top Sport

Фетел: Во Барселона ќе докажеме дека сме најбрзи

Себастијан Фетел признава дека Ферари во Барселона овој викенд треба да покажат дека го имаат најдобриот болид оваа сезона, и покрај тоа што тој на последната трка го загуби водството во генерален пласман.

Скудерија имаше фуриозен старт на шампионатот со две победи во низа на Фетел, но во следните две трки Германецот немаше многу среќа и поради погрешна проценка заостанува четири поени зад Луис Хамилтон во Мерцедес.

„Воопшто не сум загрижен. Најважно е што имаме добар болид со кој можеме да работиме и на квалификациите. Ако дојдеме напред, тогаш можеме да победиме на секоја трка. Сепак, сите знаат дека патеката во Барселона е добра проценка каде се сите со својот болид. Затоа мораме да бидеме најбрзи“, вели Фетел, кој има пет подиуми во Шпанија, но само една победа во 2011 година.

Дека Ферари е фаворит се согласува и актуелниот шампион Хамилтон.

„Ако продолжиме вака, тогаш ќе треба да имаме многу среќни трки за да останам лидер. А, тоа не можеме да го очекуваме на 17 трки пред крајот. Болидот има брзина, но не ја искористуваме. Болидот на Ферари е побрз од нашиот во моментов. Ние немаме лош болид, но мораме да го подобриме и да го направиме полесен за возење“, објаснува Хамилтон за „Марка“.

Фото: ЕПА

Scroll to Top