Лидерот во генерален пласман, Себастијан Фетел вели дека за малку ќе ги пропуштел квалификациите за Британското ГП, поради болки во вратот на третите тренинзи во Силверстоун.
Возачот на Ферари возеше малку во третиот тренинг, и не можеше да изведе симулација на квалификациите, но кога беше најпотребно тој „стегна заби“ и заврши на второто место зад Луис Хамилтон со разлика од помалку од една десетинка од секундата.
„Да бидам искрен, утрово мислев дека пол-позицијата е многу недостижна, бидејќи не знаев дали воопшто ќе возам. Задоволен сум и со второто место иако губев многу време на рамниот дел. Сесијата воопшто не беше пријатна за мене, но повредата не е ништо драматично. Не знам што се случи, имам болки во вратот, кои сега малку се намалени. Не сум загрижен за трката, бидејќи во трките нема толку голема брзина како на квалификациите“, вели Фетел.
Фото: ЕПА