Мистериозната болест која го погоди германскиот Мото ГП дебитант, Јонас Фолгер и поради која ги пропушти последните четири трки од сезоната е дијагностицирана како генетско растројство, потврдија од неговиот тим, Тех 3 Јамаха.
Тестовите во германските клиники покажаа дека Фолгер има „Гилбертов синдром“, поради кој неговиот црн дроб не може ефективно да ги процесира отровите. Фолгер, кој се разболе пред Јапонското ГП во Мотеги, ќе мора да следи стриктна диета и да помине низ процес на опоравување.
24-годишниот Фолгер, кој уште е на 10. место во генерален пласман и има договор за следната сезона е единствениот Германец во Мото ГП, а оваа година го имаше својот најдобар реузлтат – второто место на домашното ГП во Заксенринг.
„Со олеснување можам да кажам дека сега имаме целосно разбирање за мојата ситуација. Последните шест недели беа многу тешки за мене, бидејќи не знаев што се случува, а телото целосно ме напушти. Сигурен сум дека ќе го надминам проблемот“, изјави Фолгер.