Поранешниот Ф1 возач, Макс Чилтон вели дека Формула 1 не е спорт поради големата разлика во перформансите меѓу најдобрите и најслабите тимови.
Британецот Чилтон, кој настапуваше две сезони со тимот на Марусја во 2013 и 2014 година, а сега се трка во американската Инди кар серија, вели дека големата разлика во квалитетот значи дека возачите не можат да го покажат својот талент ако се во некој од послабите тимови бидејќи многу други фактори играат улога во успехот.
„Се тркав против луѓе како Даниел Рикјардо кој победува на трки, така што знам дека не сум далеку од тој квалитет. Фрустрирачки е колку не е фер. Кога возиш и те поминуваат за цел круг со болид кој е 50 км/ч побрз од тебе, тоа не е спорт. Проблемот е во разликата од 4 секунди од најдобриот и најлошиот болид. За нешто да е спорт, треба да има релативно израмнето ниво. Сепак, мислам дека не се посрамотив во Ф1 и би сакал да се вратам, но само во тим кој е од средината или врвот“, вели Чилтон.
Британецот признава дека во мотоспортот никогаш нема да биде целосно израмнето, но вели дека во Инди кар има приближно таква ситуација.
„Во Инди кар следната година сите ќе имаат ист аеродинамички пакет, ќе има мала разлика меѓу моторите, така што не очекува еднакво тркање. Барем сите болиди ќе бидат во една секунда“, додава Чилтон.