Top Sport

Грожан се враќа во болид по ужасот во Бахреин – ќе тестира за Мерцедес

Францускиот возач Роман Грожан ќе се врати зад воланот на болид во Формула 1 – првпат по драматичната несреќа која имаше на трката за Големата награда на Бехреин минатата година.

35-годишникот идниот месец ќе го тестира возилото на шампионот Луис Хамилтон од 2019 година на патеката „Пол Рикар“.

Бегството на Грожан од запалениот болид на Хас го привлече вниманието на целиот свет во ноември минатата година, а возачот роден во Женева имаше голема среќа што помина само со изгореница на дланката. Во последните две трки од минатата сезона не настапи, па ја заврши Ф1 кариерата со 179 стартови и 10 подиуми.

Сепак, првиот човек на Мерцедес – Тото Волф го повика Грожан на соработка, па тој на 29. јуни на посебно организирано тестирање ќе го вози болидот на Хамилтон, точно 7 месеци по инцидентот кој го имаше во Бахреин.

Во текот на тркачкиот викенд ќе вози таканаречен „demo run”, а потоа ќе има можност да извози неколку парадни кругови.

Грожан сезонава се натпреварува во Индикар серијата за Дејл Којн Рејсинг, а во Ф1 настапуваше за тимовите на Рено, Лотус и Хас.

Scroll to Top