Top Sport

Хакинен: Фетел ме потсетува на Шумахер

Мика Хакинен, најголемиот ривал во кариерата на седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер вели дека сегашниот германски ас во Ф1, Себастијан Фетел наликува на неговиот пославен сонародник.

Хакинен, кој освои две светски титули со Мекларен во 1998 и 1999 година, пред да почне ерата на Шумахер со пет титули во низа за Ферари, вели дека има многу сличности меѓу двајцата Германци.

„Прво, да признаам дека Себастијан има уникатен возачки стил, но од друга страна тука се сличностите со Михаел.  И тој секогаш сопираше на исто место, секогаш одеше по истата линија, забрзуваше еднакво, и сѐ беше контролирано. Добар, чист и агресивен стил на возење“, вели Хакинен.

Околу актуелниот четирикратен шампион и ривал на Фетел, Луис Хамилтон, „летечкиот Финец“ има поинакво мислење.

„Луис секогаш се обидува да вози екстремно. Многу контролирано, но да се оди до лимит и да се ризикува. Тоа не е ризик без глава, туку свесна одлука. Можеш да ризикуваш така, но не секој круг, бидејќи ќе завршиш во ѕид“, објаснува Финецот.

Хакинен не би сакал да го прогнозира исходот на шампионатот оваа сезона, со тесното ривалство на Фетел и Хамилтон во првите 12 трки од сезоната. Хамилтон на девет трки пред крајот со две победи во низа направи предност од 24 поени.

„Тоа е невозможно да се предвиди. Фетел и Хамилтон се многу различни луѓе и ќе биде интересно да се следи развојот“, додава Хакинен.

Scroll to Top