Двократниот светски шампион во Ф1, Мика Хакинен вели дека позицијата на Светската автомобилистичка федерација (ФИА) е многу тешка по зголемениот интензитет и дебатите за одлуките на стјуардите во финишот на сезоната 2021 и огромното ривалство меѓу Мерцедес и Ред бул и нивните ѕвезди Луис Хамилтон и Макс Ферстапен.
Последните неколку трки беа одбележани со казни за двајцата возачи, и лути реакции од тимовите. Луис Хамилтон беше дисквалификуван од квалификациите за Бразилското ГП откако неговото задно крило ги прекрши техничките правила, доека Макс Ферстапен избегна казна за инцидентот со Хамилтон во истата трка, и покрај притисокот од Мерцедес. Во Катар, пак, Ферстапен доби казна од пет места на стартот откако не почитуваше двојни жолти знамиња и тој изјави дека „стјуардите не му подаруваат ништо“. Хакинен вели дека ќе биде многу интересно во псоледните две трки.
„Ова е спортска војна помеѓу Мерцедес и Ред бул. Битка помеѓу Луис и Макс, шефовите на тимовите Тото Волф и Кристијан Хорнер, и тие 2.000 луѓе кои работат за нив. Веќе видовме некои тензични моменти и сигурен сум дека ќе има уште до крај. Во средината се ФИА со неверојатно тешка работа и мораа да донесат тешки одлуки во Бразил и Катар. Мислам дека нивната порака беше јасна – правилата мора да се почитуваат, бидејќи во спротивност имаме хаос“, вели Хакинен.