Луис Хамилтон бара зголемување на неговата плата за 5 милиони евра годишно (од 40 на 45 милиони евра) за да потпише нов договор со Мерцедес, тврди британскиот „Дејли мејл“ пред рестартот на шампионатот со Австриското ГП овој викенд.
35-годишниот Британец ја вози последната сезона од неговиот договор со „сребрената стрела“, тим со кој освои пет од своите шест светски титули и сега го очекуваат тешки преговори со шефот на тимот Тото Волф, откако се верува дека матичната германска компанија не е подготвена да дава толкава сума во време на економска криза поради корона вирусот.
Хамилтон веќе е најбогатиот британски спортист со 224 милиони фунти богатство, и исто така најдоброплатениот Формула 1 возач.
„Адут“ во преговорите на Хамилтон ќе биде неговата желба да вози за Ферари пред крајот на сезоната. Себастијан Фетел веќе потврди дека заминува од Ферари, а италијанскиот тим како негова замена го промовираше Карлос Саинс Јуниор, но се верува дека Шпанецот има само едногодишен договор, така што слободно место во Ферари би имало веќе за 2022 година.