Четирикратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон признава дека не вреди да се умре за Формула 1, но чувствува дека „Бог ја има својата рака над мене“ кога е на тркачката патека.
Возачот на Мерцедес во посебно интервју со официјалниот Ф1 подкаст зборува за многу теми, како омразата кон училиштето, проблемите со дислексијата, замрзнатата сперма, но и за посериозни теми како животот како Ф1 возач.
33-годишниот Британец, кој овој викенд ќе се обиде да стигне до петта победа на домашната трка, вели дека Формула 1 му дала живот и смисла, но исто така го „скршила“.
„Ме скрши и ме изгради, ме скрши пак и пак ме изгради. Кога ќе поминеш низ тоа, кога ќе дадеш толку многу, ќе ти го скрши срцето и ќе те убие кога нема да успееш. Но, кога ќе си повторно на нозе и кога ќе победуваш, ќе те крене уште повеќе“, вели Хамилтон.
Првиот црн Ф1 шампион е католик и на својот грб има огромна тетоважа на крст и „семејство“ и „верба“ на рамењата, и признава дека ја наоѓа силата во религијата.
„Со неколку мои блиски пријатели секоја недела одиме на доручек и потоа во црвка заедно. Си заминуваме просветлени и полни со моќ. Не би кажал дека вреди да се умре за Ф1. Вреди да се умре само за твоите соништа, твојата страст и твојата цел. Може да се случат многу лоши работи, но чувствувам дека Бог ја има својата рака над мене. Не знам дали ќе доживеам до 100 или нема да го дочекам мојот следен роденден. Но, ќе живеам ден за ден“, додава Хамилтон.