Возачот на Мерцедес, Ф1 пилотот Луис Хамилтон изрази загриженост поради одлуката трката за Големата награда на Велика Британија да се вози пред комплетно исполнети трибини.
„Имам поделено мислење. Не можам да ви опишам колку сум возбуден што ќе видам публика и домашни навивачи. Минатата сезона ги немаше, па не можевме да ја почувствуваме енергијата која ја носат. Од друга страна, слушам дека има зголемување на заразата со коронавирус во Британија. Се грижам за луѓето“ вели Хамилтон за „Скај спорт“.
Организаторите соопштија дека на Силверстоун на 17 јули ќе се вози трка пред околу 140.000 гледачи што би требало да биде тест пред да се врати во нормала животот во Велика Британија.
„Прочитав дека вакцинацијата оди добро, и дека има малку луѓе во болниците, но не знам, ми се чини дека е рано за полн капацитет на трибините. Се надевам дека сите ќе бидат безбедни“ рече Хамилтон.
Пред трката на Силверстоун на програмата е трката за ГН на Штаерска која ќе се вози на патеката „Ред Бул“ во недела од 15 часот.
Инаку, првото место во генерален пласман на Ф1 го држи Ферстапен со 131 бод пред Хамилтон кој има 12 бодови помалку.