Светскиот шампион Луис Хамилтон вели дека Мерцедес имаат многу работа ако сакаат да ги предизвикаат Ферари на Италијанското ГП овој викенд, оценувајќи дека италијанскиот тим има предност со најбрзиот болид.
Ферари на последните три ГП трки имаше видлива предност во брзината, иако победија само на последната трка во Белгија, а во Монца почнаа одлично, откако Себастијан Фетел го победи Кими Раиконен на втората тренинг сесија, со предност од речиси три десетинки од секундата пред Хамилтон.
„Завршивме добра работа денеска, но како и во Спа, имаше мала разлика во предноста на Ферари. Моите кругови беа навистина добри, но Ферари беа побрзи. Борбата беше лута во последните неколку трки и сега треба да се обидеме да ја надминеме нивната предност“, вели Хамилтон.
Домашната трка во последните години не беше најдобра за Ферари, откако последната победа во Монца пред илјадниците тифози беше остварена од Фернандо Алонсо пред осум години, додека Мерцедес доминираа во сите трки од 2014 година. Лани Хамилтон заврши со половина минута предност пред Фетел.