Top Sport

Хамилтон ги предупреди ривалите: Моќта е кај нас

Светскиот шампион и лидер во генерален пласман во Формула 1, Луис Хамилтон е полн со самодоверба пред Канадското ГП овој викенд, велејќи дека со првото подобрување на моторот на Мерцедес, моќта останува кај неговиот тим.

Хамилтон влегува на дуелот на патеката „Жил Вилнев“ со 17 поени предност пред неговиот колега од Мерцедес, Валтери Ботас и со дури 55 поени пред Себастијан Фетел во Ферари, иако се очекува дека патеката ќе го фаворизира италијанскиот тим. Британецот вели дека останува позитивен и покрај смртта на трикратниот шампион Ники Лауда, како и петгодишниот Хери Шоу, момчето кое страдаше од рак на коските и кому Хамилтон му ја посвети победата на Шпанското ГП.

„Секогаш се обидувате да одите понапред, и нов мотор е секогаш добра вест. Ова е патека на која моќта е најважна, така што тоа доаѓа во совршено време. Стариот мотор кој заврши шест трки беше фантастичен. Последниве недели животот не потсети на смртта, и морам да научам нешто од тоа и да пораснам. Ќе продолжиме да се тркаме со Ники во срцето“, изјави Хамилтон.

Scroll to Top